– Државите од нашиот регион и нивните жители ги спојува, пред се’, единственото богатство на разновидноста на културното изразување, кое е основа не само на неговата специфичност туку и на длабоките и комплексни внатрешни врски. Токму затоа многу е важно да се организираат вакви средби, во чиј фокус ќе бидат значајни дискусии, што е од извонредно значење за споделувањето на различните искуства на полето на заштитата на културното наследство – рече Стефановски.
Со гостите Бошески сподели до каде е НУБ по прашањето на дигитализацијата и кои се приоритетите во наредниот период.
За директорката на словенечката национална библиотека, Матеја Комел-Сној, ваквите средби се многу важни денес, во време кога „е модерно да се зборува за националниот идентитет. Таа е една од земјите од ЕУ во кои дигитализацијата на материјалното културно наследство отишла најнапред.
– Националните библиотеки ги претставуваат минатото, сегашноста и иднината на една земја. Процесот на дигитализација кај нас почна во 2005 година. Ако околу 150 луѓе дневно влегуваат во библиотеката, околу 3.000 годишно, речиси десет пати повеќе корисници имаме преку интернет. Тоа ни укажува колку е важно да вложиме што поголеми напори за дигитализација на културното добро – рече Комел-Сној.
Поради големи рестрикции во последните неколку години, дигитализацијата малку доцни во Црна Гора, каде што почнала во 2008 – рече директорката на Централната народна библиотека, Јелена Ѓуровиќ.
– Со донација од Јапонија се опремивме технички за процесот на дигитализација. Во фаза сме на обединување на што повеќе библиотеки во една целина – засега стигнавме до 26. Досега целосно имаме дигитализирано шест наслови важни за црногорската историја – рече Ѓуровиќ.
Претставникот на Босна и Херцеговина, Исмет Овчина, ги поздрави средбата и залагањата за подобра соработка.
– Во најголемата библиотека на Балканот што ја имаме во Сараево, која беше уништена за време на војната, пропаднаа 2 милиона наслови. Денес имаме околу половина милион. Најважно е што добивме пари од странски фондови за нејзино реновирање, само сега сме исправени пред дилемата дали поради лошите спомени некој ќе сака да доаѓа таму – рече Овчина.
(dnevnik.com.mk)



