Романот „Град во огледало“ ги има добиено следните книжевни награди: „Владимир Назор“, „Аугуст Шеноа“ и „Киклоп“ во Хрватска, „13 јули“ во Црна Гора и „Меша Селимовиќ“ во Босна и Херцеговина
Романот е објавен со поддршка на Програмата за култура (2007 – 2013) на Европската Унија и со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
За романот:
Оваа меланхолична семејна хроника, раскажана во прво лице, со автобиографски елементи, на извесен начин претставува простување на писателот од родниот крај: едноставно раскажано семејно ноктурно. Како фини нишки во заднината на приказната се нагласени препознатливите општествените околности од тој период. Како хроничар кој вешто и со извонредна леснотија го запишува животот на просторот што го одбележал, а пред сè односот на истовремена блискост и недоразбирање меѓу таткото и синот, Мирко Ковач во овој роман маестрално ја остварува мислата дека нашиот живот е она на што се сеќаваме, а не она што сме го проживеале.
Мирко Ковач, еден од најталентираните писатели од просторите на некогашна Југославија, како бисер во низата свои дела го напиша романот „Град во огледало“. За овој свој роман, авторот вели дека е приказна за страст, за љубов и за смрт раскажана преку едно семејство, нагласувајќи дека тоа е и автобиографија, но и фикција, без оглед на тоа што поаѓа од факти.
Книгата е во претпродажба до 20. мај.
***
Биографиjа на писателот
Мирко Ковач е роден на 26 декември 1938 година во Петровиќи, Црна Гора.
Студирал драматургија на Академијата за филм, театар и ТВ во Белград.
Автор е на романите: „Губилиште“ (1962), „Мојата сестра Елида“ (1965), „Малвина“ (1971), „Подбивање со душата“ (1976), „Врата од утроба“ (1978), „Вовед во друг живот“ (1983), „Кристални решетки“ (1995), „Град во огледало“ (2007).
Ги објавил збирките раскази: „Раните на Лука Мештревиќ“ (1971), „Небесни свршеници“ (1987) и „Рози за Нивес Коен“ (2010); збирките есеи: „Европски гнилеж“ (1986), „Европски гнилеж и други есеи“ (1994), „Цутење на масите“ (1997) и „Пишување или носталгија“ (2008); книгите филмски сценарија: „Окупација во 26 слики и други сценарија“ (1990). Заедно со Филип Давид ја објавил „Книга писма, 1992-1995“ (1998). „Избрана проза“ во шест томови е објавена во Сараево во 1990 година.
Напишал сценарија за филмовите: „Мали војници“ (1968), „Лисици“ (1970), „Маки по Матеј“ (1974), „Окупација во 26 слики“ (1978), „Дунавски знак / Вжештување“ (1979), „Падот на Италија“ (1982), „Вечерни ѕвона“ (1985), „Ден за тетовирање“ (1991).
Добитник е на многу значајни книжевни награди меѓу кои: НИН-ова награда за книжевна критика (1978, 1986), Андриќева награда (1980), награда на шведскиот ПЕН центар Тушколски (1993), Хердерова награда (1995), Босански стечак (2003), Виленица (2003), како и наградите Меша Селимовиќ, Владимир Назор, Август Шеноа и 13 јули.
Неговите дела се преведени на шведски, француски, германски, словенечки, шпански, италијански, холандски, унгарски, полски, чешки и словачки јазик. На македонски досега е преведен само неговиот роман „Врата на утробата“ (Мисла, 1987).



