0

„Браќа Миладиновци“ за Владимир Мартиновски

Одлуката ја донесе комисијата во состав: Димитар Пандев, Нехас Сопај и Ангелина Бановиќ-Марковска, која во образложението меѓу другото подвлекува: „ Конципирана како музичко дело, наменето за читање и „гледање“, поетската книга на Мартиновски е целосна новина во македонскиот лирски простор. Таа е пример на визуелна поезија. Инспириран од емоционалните и интелектуални доживувања што ги будат во него звучните слики на музичките партитури, Мартиновски ја гради својата замисла како хармоничен спој меѓу зборот, сликата, звукот и движењето. Во една синкретична уметничка креација со визуелни, темпорални и просторни одредници.“

Лауреатот не присуствуваше на вчерашната средба со новинарите поради престојот на поетска средба во Брно, но во упатената порака по повод добиената награда, вели: „Стихозбирката ’Квартети‘ настана како еден вид истражување на можностите на поетската реч, пред се, низ дијалогот со сликарството и музиката и оти голем дел од песните се визуелно-поетски омажи на музичари и сликари чиишто дела постојано ме поттикнуваат и инспирираат. Затоа наградата ’Браќа Миладиновци‘ за мене е едно големо охрабрување да ги продолжам интермедијалните истражувања преку самата поезија.“

Владимир Мартиновски е доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, актуелен претседател е на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, автор е на десеттина стихозбирки, а неговите дела досега се преведени на албански, англиски, грчки, јапонски, полски, словенечки и српски јазик. Мартиновски се занимава и со музика и членува во етносоставот „Баклава“.

За наградата „Браќа Миладиновци“ годинава конкурирале 31 поетска книга. Од нив во потесен избор влегле и „Час по поезија“ на Веле Смилевски и „Синкаво и други песни“ на Магдалена Хорват.

На средбата со новинарите директорот на Фестивалот, Данило Коцевски и претседателот на Управниот одбор, Славе Ѓорѓо Димоски ги соопштија деталите околу годинешната програма на Фестивалот и издавачката дејност.

Годинешното издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ ќе бидат отворени на 19 август и според организаторите, речиси еден месец пред почетокот на манифестацијата, подготовките се привршуваат. За десетина дена треба да бидат објавени околу 20 фестивалски изданија, од кои 11 се преводи на македонска поезија на англиски јазик и изданијата од традиционалната едиција „Плејади“.

Директорот на СВП Данило Коцевски рече дека очекуваат шеесетина поети од сите континенти и педесетина домашни автори, меѓу кои половината ќе бидат млади автори. Фестивалот ќе се осовремени со нови содржини – мешање на жанровите – поезија, музика и сликарство и настап на музичари од Израел, Шпанија, Италија, Србија… кои изведуваат поезија.

„Фонтаната кај хотелот ’Дрим‘ во Струга ќе биде отворена сцена за постојани поетски перформанси и тоа е меѓу новините на овој фестивал“, рече Славе Ѓорго Димоски, претседател на Управниот одбор на СВП.

Фестивалот ќе ги задржи стандардните содржини и тоа: поетските читања „Мостови“ и „Меридијани“, портрет на годинашниот лауреат на „Златниот венец“ на СВП – бугарскиот поет Љубомир Левчев во црквата „Св. Софија“ во Охрид, средбата на млади поети на „Ноќ без интерпункција“ и претставување на естонскиот поет Сиим Кера, добитник на наградата на „Мостови на Струга“, што струшкиот поетски фестивал ја доделува заедно со УНЕСКО за дебитантска книга, потоа вечер на национална поезија, која годинава е посветена на азербејџанската, излет на учесниците во комплексот Св. Наум и посета на други градови по затворањето на Струшките вечери на поезијата на 22 август.

Годинава организаторите во програмата вметлане и омажи на починатите лауреати на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“-поетите Андреј Вознесенски и Едуардо Сангвинети, како и за Гане Тодоровски, истакнат македонски поет и добитник на наградата „Браќа Миладиновци“.

(Невена Поповска – utrinski.com.mk)

Objavljeno u: Vijesti

Spremi

Komentariši

Submit Comment
© Književnost.org.  | SitemapVideo Sitemap  |