0

Комерцијален успех, културен неуспех

Неподелено е мислењето дека е евидентно отсуството на книжевни и културни содржини на годинешната манифестација, иако причините за тоа се лоцираат на различни адреси.

– Ние живееме за овој саем, живееме за тоа да се купуваат книгите. Годинава Саемот беше многу посетен, дури за 30-40 отсто повеќе од лани, и покрај неповолните временски услови. Имавме огромна продажба. Се продадоа илјадници книги. Да се занимаваш со книга е „донкихотство“ денес, затоа и не се согласувам дека најважно е на Саемот да има повеќе културни содржини. Сепак, оваа е повеќе продажна манифестација. Концептот на нашиот саем во однос на некои светски саеми што се споменуваат за компарација е сосема различен. Важно е дека дури и во неделата, на последниот ден, имаше река луѓе, особено млади и информирани читатели – вели Винка Саздова од издавачката куќа „Три“.

Според неа, книжевните содржини бараат друга енергија, друг простор, но сепак не е отповеќе да ги имаме.

– Убаво е да има странски автори што ќе гостуваат на Саемот. Ние и во претходните години сме имале гости. Да дојдеше познатиот српски писател Светислав Басара сигурно неговата книга ќе беше многу попродавана. Луѓето сакаат да ги видат странските автори, да добијат посвета од нив, како што впрочем сакаат потпис и посвета и од домашните писатели. Тоа го покажа и мојата книга „Последниот чај“, која беше една од најпродаваните книги на нашиот штанд. Навистина не знам колку книги потпишав – вели Саздова.

И Павлина Лазаревска од „Магор“ има позитивно искуство во однос на посетата и продажбата.

– Имавме повеќе до 60 нови наслови. Само како илустрација, една од најпродаваните книги „Бисери на мудроста“ се потроши во над 200 примероци. Имаше голема посета, но таа ќе беше уште поголема ако имаше подобар маркетинг. Тоа е пропуст на домаќинот, Скопскиот саем. Многу луѓе не знаеја дека Саемот на книгата е во тек – вели Лазаревска.

Таа смета дека Скопскиот саем требало да обезбеди простор за книжевни манифестации, промоции и средби со автори.

– Не може да има вакви содржини во една хала. Тоа е илузорно. Штандовите се мали за такви активности, а пречат и метежот и бучавата од посетителите. Тоа не е амбиент во кој достојно може да се промовира еден наслов. Отсуствува ангажман на Здружението на издавачи и на Скопскиот саем, со кој немаме соработка. Скопскиот саем дури и датумот на одржување си го избира сам.

Ние, издавачите, за ништо не се прашуваме – вели Лазаревска.

Искуствата на издавачката куќа „Темплум“ се различни.

– Посетата во однос на минатите години е стандардна, а и продажбата исто така, дури и помала. Македонската публика како да нема доволно желба да потроши денар за културен производ. Дури, посетата и продажбата и да се на исто ниво од лани, тоа не е успех. Пазарот на културни производи, како ни читателската публика, не бележи развој. Важно е дали една книга е хит или бестселер – само тоа се продава, но не и покомплексните книги што не можат да се забележат „на прва топка“ – вели Владимир Јанковски од „Темплум“.

Отсуството на дополнителни активности, според него, е уште еден минус.

– Тоа е последица на немарливоста на издавачите, но и на непостоењето потреба од културни содржини. Тоа го покажаа изминативе неколку години. Саемот на книгата е банализиран и сведен на место на кое се продаваат и купуваат книги, и ништо повеќе. Покомплексните содржини, очигледно, не ги интересираат ни издавачите, ни читателите – вели Јанковски.

Останува впечатокот, и покрај зголемената посета, дека комерцијалниот останува единствен приоритет. Незначителен број издавачи од странство, отсуство на гости, преводи на комерцијални бестселери и сиромашна понуда на дела од наши автори го обележаа годинешното издание на Меѓународниот саем на книга, кој заврши викендов. Повеќето издавачи проблемот го лоцираат во отсуството на соработка помеѓу нив и Здружението на издавачи и книжари, но и на лошата организација на Скопскиот саем.

(novamakedonija.com.mk)

Objavljeno u: Vijesti

Spremi

Komentariši

Submit Comment
© Književnost.org.  | SitemapVideo Sitemap  |