0

Јас сум прототип на непоправлив утопист

 „Кога наполнив осумдесет години живот (во 2007) и педесет и шест години литературно творештво, се сеќава Пендовски, тогашниот претседател на ДПМ, не знам зошто, го ’прескокнал‘ тој мој јубилеј… Затоа и’ благодарам на редакцијата на ’Утрински весник‘, што на овој начин го одбележува мојот по малку атипичен јубилеј – 83 години живот и 61 година творештво. Тоа воопшто не ме чуди, а уште помалку загрижува. Обратно тоа е во хармонија со духот на мојата најдобра драма ’Студенти‘. Како што е познато, во неа младиот филозоф и утопист Нестор, од почеток до крајот на драмата се гордее со својата ’величенствена утопија – општество без заблуди и конвенции‘… Па бидејќи јас сум прототип на тој непоправлив млад утопист, оваа спомената постапка не ми прави никаков впечаток…Радува фактот што преку убавата форма на конкурс за ’Роман на годината‘ што ’Утрински весник‘ ја покренува пред повеќе години, се разви вистински натпревар особено меѓу надарените млади наши романсиери. Со таа своја благородна, конкретна и далекувидна акција ’Утрински весник‘ стана значајна институција што има повеќестрано влијание врз натамошното развивање и збогатување на нашата современа литература, а со тоа и врз зацврстување и збогатување на нашиот национален идентитет“.

Во пошироката јавност и кај нашата драмска и театарска критика и есеистика, Пендовски и е пред се’ познат како истакнат драмски автор од втората генерација наши писатели по ослободувањето. За разликата на сопствената драматургија од драмската постапка на неговите претходници, тој вели: „ Тешко прашање. Авторот не може и не треба да ги толкува своите драми. Тоа е обврска или задача на други. Сепак, за да го задоволам вашето интересирање и љубопитство, ќе ви одговорам со наведување на еден мал фрагмент од предговорот кон книгата ’Сувремене македонске драме – од Чашуле до Стефановског‘ (Знање – Загреб, 1982). Во тој предговор истакнатиот хрватски драмски критичар и театролог Бранко Хеќимовиќ, меѓу другото, пишува: ’… За разлика од (Томе) Арсовски, како и од другите македонски драматичари, верни на оптиката на реализмот, Бранко Пендовски, изразит сподвижник на новото, своето доживување на реалноста постојано ја искажува како изменета, несекојдневна реалност и со наклоност кон апсурд, синтеза, алегорија и сатирично зголемување, понекогаш е близок и до француските авангардни драматичари. Но и тогаш, како на пример во драмата ’Под пирамидата‘, макар и само овде-онде, и во некои детали, сепак останува врзан за својата национална средина и своите сонародници…“.

За секој автор посебно доживување е поставувањето на сцена на неговото дело. Пендовски се сеќава на моментот кога почувствувал најголема радост и охрабрување. „На премиерата на ’Потоп‘, кога група млади гледачи, не можејќи да купат билет за да влезат во салонот на театарот и да ја гледаат претставата, бидејќи се’ беше распродадено, ги искршија стаклата од во влезот на новиот објект на МНТ“. Слично се чувствувал и на свеченото одбележување на 100 претстава на драмата „Студенти“. „Охрабрување почувствував кога тогашното раководство приреди скромна свеченост за учесниците и пошироко, по повод 100-та претстава на драмата ’Студенти‘. Пред тоа, малиот драмски ансамбл на ’Студенти“ учествуваше на фестивалот ’Студентски мал експериментален театар‘ во Загреб, потоа во Прага (тогаш Чехословачка – 1977), во Нови Сад, во Белград, како и во повеќе други градови“.

Драмата „Под пирамидата“ била преведена на полски јазик и се очекувало таа да биде прикажана на сцената од еден полски театар. Но… не се реализирала комплетно замислата. „Тоа е точно, појаснува Пендовски. При една посета на Варшава, се сретнав со преведувачот Халина Калита (1981). Шетајќи по една тивка и убава улица со извесна несигурност во гласот, ја прашав: ’Дали ’Под пирамидата‘ одговара на вашите прилики, на вашата културна општествена констелација, бидејќи јас ја пишував на илјадници километри од овде, на југ, во Скопје?‘, таа, иако веќе во години, и значително пониска од мене, ја крена главата и со ведро и насмеано лице ми рече: ’Како да е пишувана специјално за нас‘. И за да го потврди и засили своето задоволство и одушевување, ја крена својата десна рака и ме потупна по рамото, велејќи: ’Вие сте мојата пирамида!‘ Тогаш почувствував чудесно олеснување, внатрешно спокојство искра радост длабоко во мојата интима. Значи, мојот голем ризичен напорен експеримент и работа: нашето македонско секојдневие од микрокосмос да го кренам до универзалните височи
ни на макрокосмосот – биле успешни. Тоа го потврди и оваа добродушна, искрена благодарност на Полјакина. Тој чудесен миг ми беше многу поскапоцен отколку неколку високи награди во нашата Република. Зашто јас немав од кој наш драмски писател пред мене да го учам она што мене ме интересираше. Затоа мојот пат кон модерната драма не беше испитан, проверен и сигурен. Јас овде како во непроѕирна магла, потамина. Сам. Со најголем личен ризик“.

Во академската 1965/66 година, како стипендист на Француската влада, Бранко Пендовски во период од девет месеци престојувал во Париз. Во Институтот за театар на Сорбона и на париските театарски сцени, ја проучува современата француска драма. По доаѓањето од Париз, како уредник за уметничка литература, покрај други, иницирал и објавил книга под наслов: „Македонскиот роман“. Таа книга содржи шеснаесет фрагменти од шеснаесет романи на шеснаесет македонски современи романсиери. Пред секој фрагмент имаше кратка биографија, библиографија и извадоци од критиката за односниот роман и автор, како сублимат за романот. За овој свој потфат, Пендовски истакнува: „Тоа беше како мала прирачна енциклопедија за нашиот современ роман. Образец ми беше едно слично издание од Париз. Таа наша книга беше објавена на македонски, француски и англиски јазик“. Во меѓувреме неговиот роман „Скали“ беше преведен на француски јазик. „Бев пријатно изненаден од убавината и музикалноста на преводот што го изврши госпоѓата Жан Анѓелковска, вели авторот. Толку беше убаво преведен мојот текст, што малку занесен помислив како јас да сум го напишал на француски. Како да читав убав, проѕирен текст од Марсел Пруст. Сличен убав впечаток и’ оставил и многу добриот превод на моите кратки записи од книгата ’Лајка‘, ’Гнездо‘ и ’Зимско сонце‘ на мојата ќерка Весна, која четврти клас гимназија го учеше во Денвер (САД) и која многу течно говори англиски. Преводот на споменатите мои текстови беше објавен во списанието на Македонскиот ПЕН Центар – а беше извршен од Греам Грин и Ен Пенигтон.

И покрај одминатите години Бранко Пендовски сеуште твори. Во моментов работи на една лирска драма за читање (lesen dramen). Вели: „Тоа ме ослободува од строгите закони на сценската драма, а бидејќи се’ се одвива во сонот на еден млад пензионер, тоа и ме релаксија. Има мигови во кои како да повева тивок, носталгичен ветер, што донесува мириси на далечните расцутени пролетти од младоста, мириси и со вкус на мед и пелин. (Ф. Ниче: ’Опсесивна љубов‘)“.

 

(Невена Поповска – utrinski.com.mk)

Objavljeno u: Vijesti

Spremi

Komentariši

Submit Comment
© Književnost.org.  | SitemapVideo Sitemap  |